Реонскиот пазар наскоро ќе биде адаптиран во цветен, автопазарот ќе работи во сабота кај пазарот за стари работи во село Долно Којнаре, а тезгите на централниот зелен пазар ќе бидат целосно регулирани, информира новото раководство на ЈП „Пазаришта“.
Од 120 тезги на реонскиот пазар во моментов закупени се само 11, а од 840 тезги на зелениот пазар потпишани се 402 договори.
Преку нови пазарни содржини и подобро управување со постојните ресурси, ЈП „Пазаришта“ ќе се обиде да ја подобри тешката финансиска состојба во која се наоѓа.
„На реонскиот пазар има 18 дуќани, од кои во моментов се издадени само два. Неисплатливо е да одржуваме простор што е речиси празен. Нашата идеја е таму да биде цветен пазар, како во европските метрополи. Локацијата е одлична и има голем паркинг простор. Очекуваме овој простор да го користат цвеќари, декоратери и фирми што работат со украсување на настани. Тоа ќе донесе нов живот во тој дел од градот. Интересот за автопазар е навистина голем. Секојдневно имаме најави од луѓе кои прашуваат кога ќе се отвори автопазарот. На централниот зелен пазар започнавме процес на регистрација на сите тезги. Даваме рок од 15 дена за склучување нови договори“, изјави Суад Зејнулаху, в.д.директор на ЈП „Пазаришта“.
